ambassador image
Соња Апостоловска Трајковска
Одделенски наставник
ПООУ „Наум Охридски“ - с. Црешево
Осумгодишното работење со најмалите забавачиња ме правеше среќна и ме исполнуваше нивната среќа и радост со секојдневни афоризми, идеи и мисли што ги споделуваа со мене. Но, желбата да го видам нивниот напредок во следните години ми беше поттик да навлезам во одделенска настава.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Соња Апостоловска Трајковска. Работам во ООУ „Наум Охридски“ во село Црешево. Моите почетоци во светот на образованието започнаа како воспитувач, односно професор по предучилишно воспитание и образование во забавишна група каде што осум години работев со најмалите ученици. Уште од првите години на мојата кариера се чувствував полна со енергија и несопирлив ентузијазам, неуморна и активна, а желбата за следење на развојот на моите ученици ме поттикна да навлезам и во водите на одделенската настава.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Осумгодишното работење со најмалите забавачиња ме правеше среќна и ме исполнуваше нивната среќа и радост со секојдневни афоризми, идеи и мисли што ги споделуваа со мене. Но, желбата да го видам нивниот напредок во следните години ми беше поттик да навлезам во одделенска настава. Секојдневните креативни изработки на децата преку кои се справуваат со предизвиците ме прават и мене подобар едукатор, исто како и многубројните проекти на кои сум работела досега. Од сите нив би го издвоила проектот „Јазична писменост“.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Првата најава за пандемијата ми беше навистина шокантна, особено во оние моменти кога останавме дома со неверување дека тоа ќе се одвива со месеци, па и со години. Со самиот повик за креирање ЕДУИНО-видеолекции видов шанса и нов предизвик за спознавање на светот на дигитализацијата. Беше тешко, со часови прегледував видеа за инсталирање OBS и секако една голема благодарност мора да искажам до програмскиот менаџер на ЕДУИНО, Александар Лазовски, кој особено се залагаше за нашата техничка подршка и до мојата колешка Елена Максимовска која ми помогна во сите препреки на кои наидував. Им препорачувам на сите да се обидат да снимат видеолекција, со што ќе се видат себеси како автори на дело преку кое самостојно ќе можат да си донесат заклучоци за свое понатамошно подобрување, особено во делот на дигитализацијата. Учениците брзо ги совладуваат промените на денешницата и многу често наидуваме на моменти на наше незнаење, а поголемо знаење од учениците кога станува збор за технолошки промени. За да се надминат овие моменти ние наставниците треба да ги следиме чекорите на развој на дигитализацијата за да бидеме во чекор со времето во кое образоваме и воспитуваме.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Искрено се радувам што сум во семејството на ЕДУИНО-амбасадори и верувам дека моите дела ќе бидат поттик за сите наставници да снимат видеолекции, со што би се зголемила ризницата на лекции кои секогаш и во секое време ќе бидат достапни за сите ученици, но и помош за помладите наши колеги. Ништо нема подобро од тоа да живееш во денешниов свет на дигитализација и да ти бидат достапни сите содржини што ги изучуваш како ученик.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
Семејство на прекрасни ентузијасти, упорни, истрајни наставници кои не се откажуваат и несебично споделуваат.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Иднина!
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Цанка Костова
Често применувам дигитални алатки во наставата од тие причини добив и мотивација да бидам дел од отворените повици на ЕДУИНО.
ambassador image
Симона Палчевска
ЕДУИНО порталот го замислувам како едно големо срце кое дава живот, многу љубов на едно место за сите деца и возрасни.
ambassador image
Биљана Стојановска
Многу големо внимание посветувам и на развивање на карактерните вредности кај учениците на нивната самодоверба, љубопитност, почитување и хуманост.