Весна Бошковска
Одделенски наставник
ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ - Скопје
Упорноста, посветеноста, истрајноста и отвореноста кон сè што е ново и интересно за наставниот процес се мој заштитен знак. Неуморниот дух во мене и желбата за подобар, поуспешен и поинтересен систем на работа, ме води кон постојани иновации и напредок.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Весна Бошковска, одделенски наставник и наставник-ментор во ООУ „Кирил Пејчиновиќ" во Скопје. Со голем ентузијазам, веќе 20 години ја реализирам својата визија за успешно образование и воспитание на моите ученици коишто се мојот најголем двигател и мотиватор за континуирано учење и надградување. Упорноста, посветеноста, истрајноста и отвореноста кон сè што е ново и интересно за наставниот процес, се мој заштитен знак меѓу учениците и колегите. Желбата за подобар, поуспешен и поинтересен систем на работа, мене и моите ученици нѐ води кон постојани иновации и напредок. А кога и со ум и со срце, си внесен во процесот од којшто гледаш позитивна преобразба кон подобро за сите, успехот е неизбежен.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
За мене, нема подобра практика од создавањето позитивна клима меѓу учениците. Во мојата современа училница, низ процес на интересни опсервации и истражувања, создавам креативна атмосфера за будење и одржување на љубопитноста на учениците. За мене како наставник е значајно моите ученици да го спознаат животот преку учење и пракса, низ другарување, соработка и меѓусебна помош. Многубројните успешни и задоволни генерации ученици и родители, за мене се потврда дека тоа е вистинскиот пат за усвојување трајни знаења и стекнување навики и вештини за справување со сите предизвици што им ги носи понатамошното образование, но и животот воопшто.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Иако во ова време на масовна дигитализација, интегрираниот начин на настава е мое секојдневие, сепак почетокот на онлајн наставата во текот на пандемијата, создаде потешкотии во реализацијата на воспитно-образовните цели и задачи. Во вистинско време, се појави ЕДУИНО, кој им помогна на наставниците, учениците и родителите во пренесување и стекнување на знаења и вештини преку видеолекции и едукативни игри за поттикнување и поддршка на правилниот социо-емоцијонален развој кај децата. ЕДУИНО отвори богат свет на знаења пренесени на креативен и интересен начин. Искажувам голема благодарност кон сите едукатори и родители кои се дел од ЕДУИНО заедницата и ги поканувам и останатите едукатори да се приклучат кон збогатување на креативните активности наменети за нашите најмили, децата.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Во време на партнерство помеѓу човекот и технологијата, иднината на образованието ја гледам во создавање современи наставни програми во кои приоритет ќе имаат наставните содржини кои кај децата разгоруваат љубопитност, етичко однесување, упорност, претприемништвото и критичко мислење. Треба да создадеме генерации со развиено чувство на емпатија, самодоверба, способност за тимска работа и алгоритамско размислување.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
Со еден збор кажано, за мене ЕДУИНО е радост. ЕДУИНО ме поттикнува да бидам креативна и иновативна, да создавам игри преку кои ќе ги анимирам и едуцирам не само учениците, туку и помладите колеги кои штотуку запловиле во водите на воспитно-образовниот процес.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Вистинска, волшебна кутија на знаења и искуства.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
Мира Ѓорѓиевска
Процесот на дигитализација е неминовен, а ЕДУИНО е вистиски пример и насока за како треба да изгледа образованието во иднина.
Александар Цветкоски
Иднината на образованието ја гледам на високо ниво. Иднина исполнета со многу успех, пристапност до квалитетно образование.
Гонџе Ејуби
Мојата мотивација која придонесе за признанието да бидам ЕДУИНО- амбасадор, всушност е успехот на учениците.