Елизабета Теодосиевска
Наставник по македонски јазик
ООУ „Јан Амос Коменски“ - Скопје
Како едукатор, за мене најважно е да имам задоволна училница, полна со ентузијазам, креативност, научност, но и пријатно место каде што секој слободно може да си го каже својот став и своето мислење. На мојот час настојувам учениците да бидат инспирирани да научат, да истражуваат, да бидат заинтересирани, љубопитни.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Моето име е Елизабета Теодосиевска, наставник по Македонски јазик во ООУ „Јан Амос-Коменски“ во Скопје. По природа сум ведра, непосредна и комуникативна личност, секогаш подготвена да научи и примени нешто ново, да истражува и за себе би рекла дека со часови можам да се посветам на темата што ме окупира во моментот. Со учениците настојувам да изградам меѓусебно почитување, разбирање и отвореност за соработка.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Како едукатор, за мене најважно е да имам задоволна училница, полна со ентузијазам, креативност, научност, но и пријатно место каде што секој слободно може да си го каже својот став и своето мислење. На мојот час настојувам учениците да бидат инспирирани да научат, да истражуваат, да бидат заинтересирани, љубопитни. Постојано се обидувам да ги применувам современите образовни ресурси, да мотивирам, да градам знаења кај учениците, да бидам пријател и лице од доверба, рамо за плачење, оној кој ќе ја поттикнува нивната самодоверба, упорноста и начините за да се постигне успех. Наставникот е онаа личност кому со доверба му го оставате Вашето дете.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Во мојот случај, мотивацијата за споделување добри практики за реализација на наставата започна со e-Тwinning преку можноста за поврзување со наставници од целиот свет и вклучување во заеднички проекти, од една страна и од охрабрувањето од моите ученици, од друга страна. Кога се појави отворениот повик за снимање видеолекции од страна на ЕДУИНО, започнав да истражувам, да видам што прават нашите колеги во регионот и пошироко, да научам како најдобро да го остварам тоа што го замислив. Се разбира, секој почеток е тежок, но потоа со секој снимен час градиш искуство, самодоверба, даваш енергија и се вложуваш најдобро што можеш. Дури и денес кога гледам некоја моја видеолекција си наоѓам забелешки, самокритикувањето е секогаш присутно, но и задоволството е големо кога ќе добиеш признание од колегите, родителите, учениците. Особено е значајно задоволство кога ќе видиш дека си станал дел од една огромна дигитална библиотека на знаења која може да се користи неограничено долго, отсекаде и од секого. На останатите едукатори им препорачувам прво да не се откажуваат на првата препрека, да бидат отворени да учат и да применуваат нови работи постојано во животот. Потоа, да бидеме отворени за соработка, да учиме едни од други и секогаш да се стремиме да бидеме подобри, поуспешни.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор ја гледам во можноста наставникот да креира една современа училница, каде му се дадени сите можности на ученикот да истражува, да мисли, да дебатира, да се конфротира, да гради свое мислење и да не се плаши да го каже истото. Училница во која наставникот ќе може да ги насочува учениците кон разни извори на знаења, да инспирира, во која ќе се гради самодоверба и пријателство.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО за мене е една огромна дигитална библиотека, база на неисцрпни ресурси за образование која е достапна во секое време и место, како и место каде ќе може да слушнеш, прочиташ и научиш за сè што те интересира, без разлика дали си ученик, наставник или родител.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Образование!
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
Билјана Арсовска
Ме привлече самиот концепт на ЕДУИНО, тоа што имавме простор да направиме нешто што ќе остане како трајна вредност и за нашите ученици и за нашите колеги.
Билјана Лазареска
За мене наставата е уметност и наука преку која го пренесувам знаењето на учениците во формален амбиент, користејќи различни методи.
Елена Ташева
За време на пандемијата максимално го искористив времето да се посветам на пишување, изработка на активности, снимање и документирање.