Невенка Иванова Толеска
Одделенски наставник
ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ - Битола
Максимално се посветувам на учениците како и во пронаоѓањето на нивниот начин на учење. Со особена посветеност се работам со нив со цел да се развијат во одговорни, упорни, трудољубиви, креативни, правични и емпатични личности. Личности кои утре ќе бидат столб на нашето општество.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Секој кој работел како едукатор знае дека секој час, секое влегување во училница, секој наставен предмет, секоја атмосфера која ќе ја затекнете во училницата бара прилагодување на наставно воспитниот процес. Така, често покрај мојата примарна улога како едукатор знам да бидам и мајка, другарка, психолог или пак социјален работник. Односно сè она што треба и што ќе им помогне на моите ученици да се соочат со дадената препрека. Многу е важно рационално и аналитички да ја согледаме нашата работна средина, да им пристапиме на учениците со почит, интегритет и сигурност. Но, исто така да не ја заборавиме нашата емпатија за да ја стекнеме нивната доверба и со личен пример да им покажеме како да пораснат во достоинствени личности.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Примарна цел како учител ми е да ја разбудам желбата на учениците за учење. Да започнат да прашуваат прашања, да се обидуваат да дадат одговори, да го видат светот надвор од нивниот двор, од нивното семејство, од секојдневното опкружување. Да видат дека може поинаку, дека може секој, дека може секаде. Затоа и сме просветители, да им помогнеме да ја видат светлината и да размислуваат за сè што можат да бидат, да создадат и да го изградат животот кој го посакуваат. Ние учителите го имаме најголемото богатсво во рацете, богатство кое треба да го моделираме.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Структурата на ученици на кои им предавам многу често ме тера да ја будам мојата креативна страна со цел да им го пренесам планираното. Моето искуство покажува дека еден од најефективните начини на учење и поучување е токму преку игра и игровни активности. Во играта се опфатени повеќето ако не и сите начини на учење: аудитивно, визуелно, кинетичко, учење од друг, во група, соработка, почитување на правила, развивање доверба, градење на кохезија, хармонија и забава. Исто така игрите можат да се адаптираат според предметот и целите на учење кои ги имаме поставено. Токму затоа игрите и игровните активности имаат широка примена и во наставно-воспитниот процес и во секојдневието и затоа би ги повикала моите колеги да ја збогатиме нашата ризница и да придонесеме да имаме позабавно образование.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Иднината на образованието лежи на нашите рамена, што значи дека треба да имаме јасна и реална слика за потребите на современиот учител и ученик во современиот свет. Тоа значи будно следење на промените во образованието во светот и во нашето образование, што можеме да направиме и како да ги развиеме бараните способности кај учениците, како да бидеме во тек со современите барања и потреби. Технологијата денес во голема мера може да ни помогне да ги согледаме и усогласиме нашите ставови во однос на образованието и потребите на учениците. Преку вакви портали можеме меѓусебно да си помагаме, да се доедуцираме, обучуваме и информираме се со цел да ги развиваме компетенции кај нашите ученици, но и кај нас самите. Единственоста, колективноста, информираноста и соработката меѓу наставниците ќе загарантираат квалитетно образование.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
Место каде наставниците се среќаваат, кажуваат идеи, даваат мислење, си помагаат, се дообразуваат, појаснуваат, учат и поучуваат. Место кое станува училница во дневната соба, тераса и секаде каде што оној кој сака да учи и научи со еден клик може да пристапи кон квалитетни содржини преку кои ќе го збогати своето знаење.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Ризница на знаење, информации, соработка, подавање рака.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
Биљана Стојановска
Многу големо внимание посветувам и на развивање на карактерните вредности кај учениците на нивната самодоверба, љубопитност, почитување и хуманост.
Валентина Гаврилоска
Сакам да ја развивам креативноста кај децата преку моја сопствена демонстрација, одбирајќи разни креативни решенија.
Снежана Гуцуљ
Верувам дека секое дете има огромни потенцијали кои ние, возрасните, треба да ги препознаеме и со соодветен пристап да работиме на нив.