ambassador image
Рената Максимова
Психолог
ОУРЦ „Маца Овчарова“ - Велес
Примената на психологијата во работата со деца кои зрачат со искреност и ведрина ми дава енергичност и чувство на исполнетост во работењето. Неуморно настојувам да им ја пренесам пораката за значајноста на спознавање на сопствените потенцијали, желби, стремежи и можности.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Максимова Рената, дипломиран Психолог, моментално сум вработена во ОУРЦ „Маца Овчарова“ во Велес, а мојот практичен работен ангажман го извршувам како стручен соработник-образовна асистентка во ООУ „Браќа Миладиновци“ во мојот град на живеење Пробиштип. Тргнувајќи од позицијата на работа со ученици кои се соочуваат со одредини посебни образовни потреби, практичниот дел од мојата работа го реализирам преку давање секаков вид на помош, поддршка, стимулација, мотивација на учениците, во согласност со наставните програми. Извршувањето многубројни практични и волентерски ангажмани во институции од разновиден карактер ми помогнаа да созреам како личност. Таа пасија ми овозможува да навлезам во перспективата од другата страна на приказната и случувањата, да сочувствувам, разбирам и помагам со алтруистичка природа, да се радувам на навидум малите работи и да ги ценам благодетите на она коешто постоењето и работата ми го даваат.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Индивидуализираниот пристап на работа е одлика и практика во моето работење, за кое верувам дека е клучот за успехот во работата како со популацијата на ученици со кои работам така и со преостанатите деца кои се карактеризираат со типичен развој. За мене процесот на учење не се финализира со завршување на формалното образование туку е нешто кое трае во текот на целиот живот. Исклучително внимание посветувам моите зборови да упатуваат на однесувањето на учениците не засегнувајќи ја нивната структура на личност. Низ конструктивни насоки укажувам дека секој обид да се креира и научи нешто е вреден и отворен за понатамошно усовршување. Исходот од секоја преземена акција да се научи, независно, дали станува збор за теоретско или практично знаење секогаш претставува резултат од кој учиме, црпиме заклучоци и насоки, а не успех или неуспех. Примената на позитивни поткрепувачи од типот на пофални зборови правилно дозирани и насочени кон желбата за работа и вложениот труд, употребата на стикери, цртежи и дипломи се дел од моите практики кои наидуваат на прифаќање од учениците и вродуваат позитивен ефект.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Во ЕДУИНО заедницата гледам можност за црпење инспирација и мотивација за успешно, креативно и разнолико реализирање на работните практики и активности. Така моите работни практики кои секојдневно ги применувам ги пласирав на оваа платформа со мотив да допрат до што поширока популација и да послужат како пример и насока за обликување на деца со правилно насочен развој на физичко, емоционално, социјално и образовно ниво. Моето мото и апел до сите фактори кои придонесуваат за развојот на децата е заеднички да изградиме модел кој ќе им покаже и ќе ги научи децата од мали нозе како да ги разберат, преземат и конструктивно да ги обликуваат и задоволат животните предизвици и барања, наместо да манифестираме „хеликоптерски“ односно презаштитнички однос во пренесувањето на животните и образовни знаења и вештини.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Понекогаш во моето работење чувствував недостаток од супервизиски насоки и потреба од фидбек за реализираните активности и постигнати резултати. Како дел од трета група на ЕДУИНО Амбасадори особено ми е мило што ми се уважи и задоволи таа потреба, а чувството дека вложените напори и заложби за градење на еден холистички модел во обликување на детскиот развој и личност се покажале како значајни е исклучително облагодарувачко. Освен што во ЕДУИНО заедницата наоѓав мотивација и инспирација во креирањето на моите активности, сега сум директен чинител во креирањето на нејзините содржини, ја носам титулата со којашто секој едукатор би ја посакал да биде одликуван.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
Практичен пристап во стекнувањето на знаења и вештини и нивно флексибилно употребување во животните предизвици и ситуации.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Блескав излез од класичниот метод на фронтална настава.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ambassador image
Станче Штерјовска
ЕДУИНО за мене е совршената, можност да придонесам кон поттикнување на правилниот ран детски развој кај децата.
ambassador image
Теодора Ѓорѓиеска
ЕДУИНО ни пружи можност креативните едукативни активности да останат засекогаш забележани на едно место.
ambassador image
Зорица Адамчевска
Со мали чекори до големи промени! Мотивираниот наставник и за навидум невозможното има решение!