Сунчица Бендевска
Одделенски наставник
ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ - Битола
Голема е среќата, но и одговорноста да се работи со деца, особено со оние од најмала возраст бидејќи добро е познато дека за нив училиштето е втор дом, а наставничката втора мајка. Сите тие имаат свои различни интереси, потреби и очекувања кои јас како наставник треба да ги реализира најдобро што можам.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Сунчица Бендевска, одделенски наставник во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола. Веќе дваесет години работам во средина која во пошироката заедница е препознаена како мултикултурна и тоа за мене е дополнителен предизвик. Во текот на работниот век постојано се менуваат условите и начините на работа, особено во овие последни години на пандемија. Но желбата и ентузијазмот се секогаш присутни и пресудни. Тоа се моите водилки на патот по кој секојдневно чекорам јас, како едукатор, заедно со моите ученици. Сите професионални усовршувања и доусовршувања ги ставам во функција на подобрување на воспитно-образовниот процес и подигнување на квалитетот на образованието воопшто. Според мене современиот едукатор треба да создаде здрави и среќни личности кои ќе се носат со предизвиците на животот.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Секој кој се определил да ја работи професијата наставник пред сè треба да си ја сака и максимално да се вложи во истата. Едукацијата е процес кој бара од нас посветеност и одговорност. Секој ден е нова можност со правилно испланирани средства, методи и техники на работа максимално да ги развиваме потенцијалите на секој ученик посебно. Новото време е време во кое технологијата е длабоко навлезена и затоа новите образовни практики неразделно се поврзани со истата. Современиот едукатор треба да направи правилен избор од големиот број електронски достапни материјали и истите да ги презентира на соодветен начин.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Почетната мотивација на секој едукатор секако се неговите ученици. Сакајќи да им го доближиме новото и непознатото, ние се трудиме да пронајдеме нови начини кои ќе бидат прифатени и корисни. Токму ЕДУИНО порталот ја отвори можноста на едно место да се создаде збирка која ќе има трајна вредност во работата на сегашните и идните едукатори. Она што е досега создадено е особено вредно и за почит и затоа ја давам мојата целосна поддршка за понатамошно проширување на списокот со нови ЕДУИНО Амбасдори.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Создавајќи во сегашноста ние всушност ја создаваме иднината. Нашата мисија е да охрабруваме, поттикнуваме и поддржуваме образование во согласност со индивидуалните карактеристики на секој ученик. Токму ЕДУИНО зедницата е вистинско место каде што секој може да го пронајде она што му е потребно.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО претставува препознатлив сегмент на современото образование. Креираните дигитални содржини се често користени од страна на самите едукатори, учиниците и нивните родители. Сечиј труд е вреден за почит и е личен придонес за растот и развојот на оваа платформа.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Отворен прозорец кон иднината.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
Жаклина Ристовска
Постојано создавам автентични ситуации, со цел учениците да сфатат дека она што го учат и ќе го научат ќе им биде потребно и корисно во животот.
Сања Алексоска
ЕДУИНО е поттик за истражување и користење на најдобрите стратегии кои ги следат глобалните светски предизвици во воспитно-образовната работа.
Александар Цветкоски
Иднината на образованието ја гледам на високо ниво. Иднина исполнета со многу успех, пристапност до квалитетно образование.