Биљана Стојановска
Одделенски наставник
ООУ „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
За мене е карактеристична иновативноста, креативноста и постојано следење на светските современи образовни и технолошки трендови. Како Scientix и Empatico амбасадор, имам соработка со наставници од цел свет. Често разменуваме идеи и искуства, кои ги применувам со моите ученици.
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
Кои сте Вие? Како би се опишале како едукатор?
Јас сум Биљана Стојановска, одделенски наставник во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Центар, Скопје. Сакам постојано да сум во тек со современите образовни и технолошки трендови. Иновативноста, креативноста и постојаната потрага по нови нешта сакам да ја пренесам и на моите ученици, затоа што тоа им се неопходни карактеристики за нивното понатамошно образование и за поттикнување на сопствено критичко мислење. Со мојот интерес за технологија, кодирање и СТЕМ, сакам да придонесам кон нивните почетни насоки за професиите на иднината, како и развивање на логичкото и програмското размислување. Особено сум горда на материјалите за учење за прво и четврто одделение по природни науки според новата концепција, бидејќи ги изработивме со многу љубов, ентузијазам и професионалност.
Споделете ја Вашата најдобра практика во образованието (она што Ве прави едукаторот кој сте денес).
Примена на многу дигитални алатки, дигитални игри, интересни игри во училница и неочекувани предизвици и активности е мојот клуч за разиграна, весела и посакувана средина за учење. Многу големо внимание посветувам и на развивање на карактерните вредности кај учениците, зголемување на нивната самодоверба, другарство, љубопитност, почитување, хуманост итн. Тоа го постигнувам со насочени игри и заеднички разговори, но и со помош на роботчето Роби, кое го имаме во нашето училиште. Тоа секогаш буди љубопитство, интерес и желба кај учениците. Учеството во проекти е исто така значајно, бидејќи овозможува различен пристап и стимулација за успех и мотивација кај учениците.
Која беше Вашата мотивација и посветеност за огромниот придонес кон ЕДУИНО-порталот и што им препорачувате на останатите едукатори?
Мојата мотивација и посветеност за придонес кон ЕДУИНО порталот е збогатување на библиотеката на активности и игри за примена во наставата. Бидејќи игрите ги користам многу, а и учениците со нетрпение ги очекуваат. Како едукатор имав потреба од веќе подготвени активности и соодветно групирани, со што би заштедила време во подготовка и планирање на моите часови. На сите едукатори им препорачувам да дадат свој придонес кон збогатување на оваа платформа, бидејќи така ќе си помогнеме едни на други и ќе овозможиме поквалитетно образование. Споделувањето идеи, активности и практики ќе овозможи олеснување, уште поголемо задоволство и мотивација за нашата работа.
Како Вие ја гледате иднината на образованието како ЕДУИНО-амбасадор?
Иднината на образованието кај нас, како ЕДУИНО Амбасадор, ја гледам како витална нишка во целото општество, на кое му се дава огромна важност, бидејќи е основна потреба за општествен напредок и развој. Јас ќе продолжам со моите иновативни и креативни практики, несебично споделуваќи ги со колегите и доколку е заемно ќе бидеме посилни, похрабри и помотивирани. Ќе продолжиме заеднички да ги следиме светските современи образовни и технолошки трендови и промени, ќе се трудиме да останеме во чекор со нив, за да едуцираме подготвени и силни личности за новото време и новите предизвици. Секој наставник нека биде инспирација за понатамошното делување на своите ученици во иднина.
Што претставува за Вас ЕДУИНО?
ЕДУИНО го доживувам како заедничко катче со неисцрпни идеи, можности и знаење. Тоа е платформа која ги следи глобалните промени и потреби. ЕДУИНО е алатка која претставува голема помош, извор на знаења и ресурси за сите алки од образовниот процес (ученици, родители, наставници), со која полесно ги остваруваат своите цели.
Довршете ја реченицата: ЕДУИНО e _____________
Три „И“: Инспирација, Иновативност и Иднина.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ОСТАНАТИТЕ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
ЕДУИНО АМБАСАДОРИ
Рената Максимова
За мене процесот на учење не е финален со завршување на формалното образование, туку е нешто кое трае во текот на целиот живот.
Нусрет Хазири
Мојот главен мотив се учениците, а постоењето на видеолекциите е за тие да имаат дополнителна можност да го применат учењето на далечина.
Насер Адили
Едуино за мене претставува уште една можност во мојата кариера како наставник, едно добро искуство, уште една мотивација за придонес кон учениците.