Иновативноста на тимот на ЕДУИНО никогаш не престанува! Со ентузијазам и мотивираност сакаме да ги споделиме нашето знаење, вештини и визија, отворајќи нови можности и креативни решенија за националниот образовен систем. Истражувајќи го полето на неисцрпните едукативни потенцијали, поттикнати од успехот на нашите постоечки програми и проекти, ја осмисливме новата платформа: ЕДУИНО 2Д лабораторија! Трагајќи по решенија кои ќе ја издигнат наставата на повисоко ниво, ja создадовме оваа нова платформа чија цел е да се поттикнат и мотивираат учениците на самостојност при процесот на учење. Воедно, сакаме да им понудиме атрактивен начин за продлабочување на знаењата за две глобално значајни и актуелни теми: климатските промени и заштитата на животната средина преку нашата нова платформа – ЕДУИНО 2Д Лабораторија. Секако, во тој процес учениците да бидат поддржани од наставниците и родителите. ЕДУИНО 2Д Лабораторијата е изработена во рамки на нашиот проект ЕДУИНО кој е поддржан од страна на Бирото за развој на образованието (БРО), Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Агенција за млади и спорт (АМС), имплементиран од страна на УНИЦЕФ и СИДА, а е спроведен од страна на невладината органицација, СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации.Техничката реализација е спроведена од SyNRG – Software & IT Solutions. Со цел процесот на учење да се одвива низ игра и на атрактивен начин, ЕДУИНО 2Д Лабораторијата ќе нуди можност за „искуствено учење“ во кое учениците од I-IX одделение ќе можат да изведуваат 2Д експерименти. Експериментите се подготвени од консултанти – експерти во областа на природните науки со голем број научни истражувања со фокус кон климатските промени и заштитата на животната средина. Тие создадоа безбеден виртуелен простор за оние ученици кои на забавен и интересен начин сакаат да го надградат своето знаење преку експериментирање во овој виртуелен 2Д простор. Голема предност е што пристапот до овие содржини ќе биде овозможен преку бројни уреди: компјутер, телефон, таблети и интерактивни (паметни) табли. Уште една значајна предност на ЕДУИНО 2Д Лабораторијата е што ќе може да се користи и во домашни услови и во процесот на настава во училиштето. Содржините од платформата се наменети за совладување на наставните единици, за проверка на знаењето или за продлабочување на знаењата од областа на природните науки. Како дополнување на наставата, виртуелните експерименти се изработени во согласност со содржините кои се предвидени да се изучуваат во наставните програми на четири предмети во основното образование: Природни науки, Физика, Хемија и Биологија. Во моментов ЕДУИНО 2Д лабораторијата е во пилот/почетна фаза и бројот на 2Д експерименти е ограничен, но ги задоволува потребите за искуствено учење во образовниот процес и истата ќе биде дополнително надополнета со нови содржини.


ЕДУИНО Експерименти – Природни науки, Физика, Хемија, Биологија

Непосредно по изведбата на експериментот, на платформата како дополнителен ресурс ќе биде понудена опцијата – онлајн квиз за самоевалуација. Целта на квизот ќе биде ученикот да стекне увид за успешноста на совладаниот материјал. Искуственото учење претставува совладување на наставниот материјал преку изведување практични примери. Со примена на овој начин на учење, децата ќе имаат можност да ги зголемат своите знаење и интерес кон групата природни науки, при што ќе креираат поголема самосвест за климатските промени и заштитата на животната средина. Значењето на платформата ЕДУИНО 2Д Лабораторија се согледа во можноста за надминување на двата најчести предизвици: недостаток на ресурси за изведување експерименти за време на часовите и можноста секој ученик самостојно да го изведе експериментот. Покрај тоа што виртуелните експерименти се во согласност со наставните програми за природните науки за основно образование, секој експеримент ќе содржи три видови дополнителни ресурси и тоа:

  • Ресурси наменети за едукаторите со цел поефикасна имплементација на искуственото учење во секојдневната настава;
  • Ресурси наменети за учениците со цел самостојно учење (или со поддршка на родителот/старателот) и совладување на наставниот материјал во домашни услови преку изведување на експериментот;

ЕДУИНО ресурси (содржини поврзани со ЕДУИНО порталот) кои ќе го збогатат вашето знаење за природните науки.


ЕДУИНО 2Д Лабораторија – Водич за наставници и Лабораториски дневник

Со развојот на новата платформа колективниот портал ЕДУИНО направи уште еден чекор во модернизацијата на нашиот образовен систем! Благодарност до сите вклучени во процесот на создавање на ЕДУИНО 2Д Лабораторијата! Очекувајте нови информации за официјалното стартување и веруваме сите заедно супер ќе се забавуваме и учиме со ЕДУИНО!