„Секое дете заслужува херој – возрасна личност која никогаш нема да се откаже од него, која ја разбира моќта на поврзувањето и инсистира тие да станат најдобри што можат да бидат“, вели Рита Пиерсон, влијателна едукаторка од САД со четири децениско искуство, која е позната по нејзините ТЕД инспиративни и мотивирачки настапи од областа на развојното образование.

За среќа, нашата држава има голема група образовни херои, наставници, воспитувачи, едукатори кои се соочваат и успешно ги совладуваат своите предизвици. Тие успеаа да ја надминат критичната состојба во која се најде нашиот образовен систем пред две години и со моќта на заедницата и новите технологии да ја претворат во предност. Затоа, особено се гордееме што успеавме да ги обединиме во една значајна заеднца – ЕДУИНО Амбасадори.

Како започнаа оваа успешна приказна?

Концептот за постоење на платформа за дигитални образовни ресурси или сегашиот ЕДУИНО – колективен портал за дигитални образовни содржини, соработка и професионален развој, всушност започна да се создава како идеја пред неколку години. 
По бројни заеднички активности, во март 2020 година неочекувано се случи ударот на пандемијата  од КОВИД-19. Така, тимот се прилагоди на новата состојба и брзо одговори на потребите на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, така што во партнерство со УНИЦЕФ, Британската Амбасада Скопје, Синерџи, СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации и Министерството за труд и социјална политика, во рекордно време беше формиран ЕДУИНО – првиот и единствен национален колективен портал за дигитални образовни содржини. Во тој период од непроценливо значење беше мрежата од наставници кои храбро се втурнаа во тој непознат простор – настава од далечина. Следејќи ја вонредната состојба, започнаа со снимање видео лекции кои во тоа време одиграа клучна улога да не запре образовниот процес. За да функционира овој сложен процес, неопходно беше да се најде начин за соработка и кокреирање меѓу сите засегнати страни. Со цел да се поттикнат едукаторите да создаваат заедно, потребни им беа помош и поддршка од институциите кои се главни креатори на стратегиите за развој на образованието. Така, спонтано, преку надминувањето на предизвиците се спои ЕДУИНО сложувалката. Големи се  гордоста и радоста за поставените речиси 5000 видео лекции, кои се прегледани повеќе од 4.8 милиони пати на ЕДУИНО YouTube каналите, достапни на 5 јазици од сите наставни предмети, кои исто така беа емитувани и на сервисите на МРТВ, со што заедничкиот напор  обезбеди  континуиран пристап до образованието и на најранливите општествени категории.


Александар Лазовски, Програмски менаџер на СмартАП – Лабораторија за социјални иновации

Од овие посветени едукатори кои се дел од нашата ЕДУИНО заедница се издвои една група исклучително посветени наставници и воспитувачи, ЕДУИНО-амбасадори на кои сакавме да им дадеме јавно признание. Ова е концепт што јавно го афирмира трудот на највредните и најпосветените едукатори кои придонеле кон создавање и збогатување на едукативните содржини во рамките на порталот ЕДУИНО. ЕДУИНО-амбасадор може да стане секој едукатор на ЕДУИНО-заедницата кој ги исполнува критериумите кои се конкретно дефинирани во повиците за поднесување активности со цел формирање група ЕДУИНО амбасадори и чии поднесени едукативни содржини се одобрени од страна на тимот на советници на БРО.


Ангела Зафировска, Менаџер на ЕДУИНО Заедниците

Со оглед на сложената состојба во образовнието предизвикана од неопходната настава од далечина и начинот како оваа група ентузијасти се справуваше со неа, претседателот на државата, Стево Пендаровски, тогашната министерката за образование и наука, Мила Царовска и директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи, ја поздравија оваа иницијатива и официјално ги најавија првите 23 избрани ЕДУИНО-амбасадори, кои до 31.12.2020 година снимиле најмногу видео-лекции и изработиле најмногу едукативни игровни активности во домашни услови. На тој начин се оддаде јавно признание на наставниците коишто се движечка сила на образованието и на општеството. Ова беше момент во кој им се искажа благодарност на сите што вложија огромен труд, време и знаење во создавање видеолекции и едукативни активности за предучилишно, основно и средно образование.


Стево Пендаровски, Претседател на државата

Веќе во мај 2021 беше отворен вториот повик за поднесување материјали, според кој беше потребно да се исполнат определени критериуми и да се снимат видео лекции кои ќе останат  траен ресурс за идните генерации за платформата ЕДУИНО настава. Воедно, тие беа охрабени да користат интерактивни методи и разни образовни алатки.  Така, на Интернационалниот ден на наставникот, 5 Октомври 2021, беа избрани новите 10 ЕДУИНО-амбасадори. Офицерот на образование во УНИЦЕФ, Боре Пуцоски, на првата средба за добредојде истакна дека токму поради тоа што овие едукатори работат врз база на волонтерски придонес, безрезервно треба да се прикажат како пример за вистинска улога на наставникот.


Патриција ДиЏовани, Претставничка на УНИЦЕФ

Процесот кој даваше резултати продолжи успешно да расте, па така, следната година се отвори третиот повик за поднесување едукатини игровни активности од страна на сите едукатори од државата, кои требаа да исполнат критериуми и да создадат едуктивни игровни активности за истите да бидат дел од платформата ЕДУИНО Ран детски развој. Па така, по големиот број апликации и поднесени активности, во јуни 2022 година, крајот на учебната година се заокружи со прогласување на третата група ЕДУИНО-амбасадори, вкупно нови 42 члена!

Непосредно по изборот на третата група ЕДУИНО амбасадори  во организација на УНИЦЕФ, се одржа конференцијата „Национални консултации за трансформирање на образованието“ каде присуствуваше тимот на ЕДУИНО заедно со нашите ЕДУИНО Амбасадори. Конференцијата беше од консултативен карактер за потребните промени кои треба да се направат во нашето образование, каде нашите ЕДУИНО-амбасадори имаа главна улога во консултантивниот процес.


Нора Жута Села, одделенски наставник, ООУ „Зини Хани“ – Струга

Како логичен след на активностите беше реализацијата на првата голема заедничка средба на сите ЕДУИНО Амбасадори, па така произлезе и работилницата ЕДУИНО Амбасадори: „Заедно кон подобро образование“. Неверојатна енергија, позитивни емоции, среќа и огромната желба за напредок беа движечката сила и поттик за креативната енергија на овој настан. Работилницата поминаа во знакот на издвојување предизвици кои треба да се решат за подобрување на образованието во нашата држава и во разработка на концептот за Мрежата за учење науки и неговата валидација, по што следуваше работа во групи со цел поефективно и поефикасно идентификување на можностите за вклучување на нашите ЕДУИНО амбасадори во неа. Тоа беа два дена поминати во споделување знаења, искуства и разменување идеи за подобрување на образованието во нашата држава!


Зорица Милкова, одделенски наставник, ООУ „тошо Велков – Пепето“ – Кавадарци

Не помалку значајно е тоа што  ЕДУИНО амбасадорите и денес се дружат и вон активностите, што е уште еден показател за исполнување на мисијата за сплотување на едукаторите со заедничка мисија и цели. Целта на оваа успешна заедница е да расте, да се проширува и да биде вистинска основа за поттикнување иновации во образованието, преку принципите на соработка и слободна размена на идеи. Несомнено, овој процес на синергија кој изроди мерливи резултати и има позитивен импакт врз нашиот образовен систем ќе продолжи да расте и да се развива. Покрај сите вклучени страни, најголема улога имаат ЕДУИНО амбасадорите, кои покажаа неверојатна посветеност, мотивираност и волја за трансформација на нашето образование. Позитивниот пример преку создавање силна заедница на ЕДУИНО амбасадорите е потврда за тоа дека е можно со добри и обмислени решенија да се постигнуваат големи резултати!

Запознајте ги нашите ЕДИНО Амбасадори тука: https://www.eduino.gov.mk/eduino-ambasadori/