Вториот ЕДУИНО Игратон ќе остане запаметен по неверојатниот број пристигнати повеќе од 1.180 изработи од селекцијата на игровни активности во склоп на трите категории: домашни услови, градинки и училишта. Како прв обид да ги сплотиме сите деца под мотото: Целата држава учи и игра! – ни претставува особена гордост тоа што до нас пристигнаа прекрасни впечатоци за атмосферата во занималните и во училниците во нашата држава. 

Токму затоа во пресрет на третото издание на креативниот предизвик ЕДУИНО Игратон, овој пат под мотото „Учи, играј и радувај се!“, разговаравме со Роза Костеска, професор по одделенска настава, магистер по предучилишно воспитание. Роза Костеска работи како воспитувач во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ – Охрид, една од многуте градинки учесници во минатогодишниот ЕДУИНО Игратон.

Роза е воспитувач со повеќе од 30 години работно искуство, од кое 10 години како негувател, воспитувач во група деца од 6 до 10 години. Во периодот од 2013 до 2017 година работи како директор на градинка, а последниве 2 години е воспитувач на воспитна група од 3 до 6 години. Автор е на повеќе книги за деца, соработник во списанија наменети за деца, како и автор на неколку трудови за возрасни. Роза е исто така обучувач на повеќе теми наменети за вработените во градинките и учесник на повеќе меѓународни конференции од областа на предучилишното воспитание и образование, мастер воспитувач за колегијална поддршка.

Разговорот со Роза го започнавме со прашањето: Како дознавте за креативниот предизвик ЕДУИНО Игратон и како се информирате за дневните предизвици?

Таа ни одговори дека за креативниот предизвик се информирала преку социјалните мрежи на ЕДУИНО, но и дека нејзината соработка со ЕДУИНО започнува уште од самите почетоци. 

„Со ЕДУИНО соработувам од неговите пионерски почетоци кога во време на пандемијата ние воспитувачите размислувавме и се трудевме секој на свој начин и кој како знае и умее да допре до семејствата и да ги анимира децата. ЕДУИНО  најде инвентивно решение: Да нè сплоти нас воспитувачите во едно и да нè поттикне да креираме активности што ќе можат да ги реализираат родителите со децата во домашни услови.“

Она што особено нè израдува е нејзиното размислување во поглед на можностите за поднесување едукативни активности во склоп на активностите што се дел од платформата ЕДУИНО Настава. Таа со нас сподели:

„Со креирањето Е-занимална, воспитувачите од земјава имаа можност своите идеи и активности да ги снимаат и преку ЕДУИНО да ги споделат со сите, и со колегите, и со родителите, и со децата. Оттогаш започна и моето дружење со ЕДУИНО.“

Нашиот разговор го продолживме зборувајќи за нејзината мотивација како воспитувач да биде дел од креативниот предизвик ЕДУИНО Игратон – Целата држава игра и учи, за што Роза ни сподели:

„Да се биде дел од ЕДУИНО Игратонот, има многу мотиви, но јас би ги издвоила: предизвикот со кој децата во групата ќе добијат многу нови активности, многу радост, мотивација за вклучување во активностите, ќе учат многу нешта, со возбуда, а за мене нивните среќни лица, насмевки и возбуда додека креираат и со нетрпение го очекуваат крајниот резултат од она што сами го креираат. Восхитот на радост и среќа, со зборови не се опишува. Треба да се биде тогаш и таму, во нашата занимална!“

Како воспитувач што учествуваше на минатогодишниот Игратон, ја прашавме: Која игровна активност (во склоп на дневните предизвици) Ви остави посебен впечаток и особено ѝ се допадна на Вашата воспитна група?

„Сите игри во склоп на дневните предизвици за мене беа прекрасно осмислени и кај децата будеа голем интерес штом ќе им споменев дека денес ќе играме една игра. Со возбуда ги очекуваа инструкциите што им ги давав како ќе ја реализираме играта.

Беа концентрирани на своите задачи и со голема посветеност и внимание ги исполнуваа. Дел од нив и претходно ги имавме реализирано во нашите секојдневни активности, па овој пат покажаа и поголема сигурност и одважност дека тоа го знаат, но се вклучуваа во активноста за да покажат дека навистина нешто знаат. Особено во играта ‘Препознај ја емоцијата’.“

Роза со нас сподели дека нејзината воспитна група особено се израдувала на активноста „Мојот град“. Во продолжение таа ни долови дел од атмосферата во нејзината занимална за време на реализацијата на таа активност.

„Веднаш почнаа да даваат предлози која зграда какви прозорци имала, каква боја на ѕидовите (фасада), колку прозорци, колку ката, каков бил покривот, дали имало двор, какви растенија имал дворот. Посакаа да се направи и езерото, лебедите, суви лисја испопаднати на тревникот, дрвја со голи гранки и само едно јаболко на гранката, така виделе во нечии дворови. Додека се набавуваа разни картони, хартии, кутии, активно учествуваа и прашуваа: ова може да се искористи, ова може да го ставиме таму и таму, се растрчуваа и отвораа по сите шкафчиња, со цел да најдат уште некој предмет или кутија што ќе им се најде во градењето на градот. 

Откако го направивме градот, го поставив во занималната на масичка за да го гледаме, и ако имаме нова идеја, да го доградуваме. По ден-два предложија да го изложиме во просторот пред занималната за да можеле да се пофалат што направиле, но и другите деца и нивните учителки да го видат за и тие да си направат нивни град. За брзо време потоа почнавме со темата ‘Зима’ и на нивни предлог градот го покривме со снег затоа што сувите лисја биле есен. “

За крај ја прашавме Роза: Која е Вашата порака до Вашите колеги како и до родителите, што би им препорачале во пресрет на третиот ЕДУИНО Игратон?

„Секој воспитувач и секој родител го носи детето во себе, само треба да го ослободи и да му даде простор за да креира, истражува и осмислува. На децата им е потребно многу љубов, грижа, а најважно од сè – внимание. Детето што расте со внимание е покреативно, побрзо влегува во интеракција со другите, побрзо и полесно учи. 

ЕДУИНО Игратон токму тоа и го прави, ги сплотува сите тие ресурси на едно место и несебично им дава богат фонд на игри и игровни активности на сите, со крајна цел – СРЕЌНИ И ЗАДОВОЛНИ ДЕЦА! На сите колеги и родители топло им препорачувам да ги следат сите активности што ги реализира ЕДУИНО Игратон, да црпат идеи и да ги надградуваат, модифицираат и да ги развиваат според можностите, желбите и потребите на своите деца.

„Активно да се вклучуваат во многу скокотливите предизвици на ЕДУИНО Игратон, затоа што преку него не само што ги подучуваме децата и го поддржуваме нивниот правилен раст и развој, туку и ние возрасните растеме и се развиваме користејќи ги искуствата, креативноста и инвентивноста на нашите колеги благодарение на ЕДУИНО Игратон. Да растеме и професионално и лично, сите заедно во среќни и исполнети личности, со многу игра, смеа, радост и заемна љубов!“

Се радуваме што ја имаме можноста да ги споделиме искуствата  како на Роза Костеска и нејзината градинка ОУДГ „Јасна Ристеска“ – Охрид, кои веруваме дека ќе охрабрат уште многу градинки и воспитувачи да се приклучат кон креативниот предизвик.  Овогодишниот  ЕДУИНО Игратон – УЧИ, ИГРАЈ, РАДУВАЈ СЕ! – ќе се одржи во периодот од 21 – 25 февруари 2022 година, а повеќе информации околу селекцијата на игровни активности и нивно поднесување, можете да прочитате на официјалната страница на ЕДУИНО Игратонот (линк)

Следете нè на социјалните мрежи на ЕДУИНО Фејсбук и Инстаграм и бидете меѓу првите што ќе дознаат кои едукативни активности ќе бидат дел од третото издание на ЕДУИНО Игратонот!

Ви благодариме на поддршката!

Ваш,

ЕДУИНО