Како беше создадена националната Е-училница, што содржи, за кого е наменета, која беше улогата на овој богат бесплатен ресурс за време на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, како едукативните експерти успеаја предизвикот да го претворат во предност и кои се понатамошните придобивки? Нашата цел е преку одговори на овие прашања да ве информираме за потенцијалите и да ве поттикнеме да ја посетите платформата ЕДУИНО настaва, со можност да имате пристап до богатите содржини на оваа видео библиотека.
Изминативе децении новите информатичко-комуникациски технологии навлегоа во многу области на современиот живот. Токму овие придобивки кои ги нудат новите технологии беа искористени за време на рестрикциите и затворањето на институциите предизвикано од глобалната пандемија. Дигиталните технологии и интернетот беа средства со кои се овозможи непречено да продолжи образовниот процес. Во тој период, размислувајќи како да се надмине прекинатото одвивање на образованието, колективниот портал ЕДУИНО ја создаде платформата ЕДУИНО настава. На овој начин се изнајде едно можно решение за наметнатиот прекин на наставата за време на пандемијата. Што содржи оваа платформа и која е нејзината намена?
Платформата ЕДУИНО настава содржи бесплатно достапни онлајн ресурси за наставните содржини и програми. Постепено, развивајќи се низ изминативе години, создадовме фонд од 5000 видео лекции кои се прегледани над 4,8 милиони пати. Оваа платформа немаше да биде возможна без трудот на ЕДУИНО амбасадорите и сите ЕДУИНО едукатори од целата држава кои преку волонтерски пристап, посветено, со мотивација и пасија снимаа и споделува видо лекции, сè со една цел – подобро образование за сите. Храбро се впуштија во процесот, можеби на почетокот без доволно знаење и искуство, но постепено и трпеливо заедно со нашиот ЕДУИНО тим ги надминуваа и совладуваа техничките предизвици, стекнувајќи искуство и вештини.
Несомнено, најпосетениот и најкористениот сегмент од платформата ЕДУИНО настава се снимените видео лекции за сите предмети и на повеќе јазици (македонски, албански, турски, српски и бошњачки), кои се подготвени во согласност со наставните единици. Сите лекции се содржински одобрени од страна на советниците на Бирото за развој на образованието (БРО) и проверени од страна на техничкиот тим на ЕДУИНО. Целта на овој отворен ресурсен центар е да се стекне ново знаење или да се повтори дел од материјалот, односно и да се даде дополнителна поддршка на процесот на учење.
Видео лекциите се прикажани според одделение, предмет и наставна недела, така што лесно се пронаоѓа потребната содржина. Видео лекциите се поделени во два дела: за основно и за средно образование. Сегментот за основно образование содржи наставен материјал од 1-во до 9-то одделение и освен на македонски, достапен е на други три јазици: босански, српски и турски. Предметите кои се достапни во видео форма се: Македонски јазик, Албански јазик, Математика, Природни науки, Општество, Географија, Историја, Биологија, Физика, Хемија, Англиски јазик, Втори странски јазици (Германски, Француски, Италијански, Руски), Етика, Работа со компјутер и основи на програмирањето, Информатика, Граѓанско образование, Владеење на правото, Иновации, Ликовно образование, Музичко образование, Техничко образование, Физичко и здравствено образование и Македонски јазик (за заедниците). Сегментот за средно образование содржи наставен материјал за 1-ва, 2-ра, 3-та и 4-та година, а содржините се поделени според полугодијата. Предметите кои се достапни во видео форма се: Македонски јазик, Математика, Географија, Историја, Биологија, Физика, Хемија, Англиски јазик, Втори странски јазици (Германски, Француски, Италијански, Руски), Социологија,Филозофија, Информатика, Бизнис и претприемништво, Ликовно образование, Музичко образование, Спорт и спортски активности, Вон наставни активности и работилници, Латински јазик и Психологија. Како дополнителни содржини на платформата ЕДУИНО настава може да се пронајдат многубројни отворени ресурси, вебинари и видео упатства кои се дизајнирани за подобрување на процесот на учење од далечина.
Значењето на платформата ЕДУИНО настава – Тимот на ЕДУИНО ја препозна потребата во општеството и во вистински момент започна со создавање потребен ресурс со кој на сите засегнати страни им се овозможи непречено одвивање на образовниот процес. Промените предизвикани од пандемијата успеавме да ги искористиме како предизвик со кој придонесуваме кон трансформација на класичното образование во модерен и дигитален едукативен систем од кој треба да произлезат дигитално флуентни ученици со компетенции кои ќе им овозможат да бидат рамноправни и активни граѓани во развиениот свет. Имајќи ги предвид придобивките кои ги носи мрежното учење, како што се погодност и флексибилност кои овозможуваат пристап до содржините во време коешто е прилагодено на личните потреби и речиси секаде каде што има интернет, платформата ЕДУИНО настава ја пресретна оваа потреба и во нашиот образовен систем. Според современите теории, огромниот потенцијал кој го има дигитализираното образование е токму во можноста за персонализирање на наставата, како и за овозможување интерактивен процес на учење.
Сите овие современи погодности се достапни за учениците преку ресурсите на платформата ЕДУИНО настава!
Пристапете до платформата ЕДУИНО Настава тука: https://www.eduino.gov.mk/nastava/