Хранење птици
Ова е практична активност во која детето ќе создаде природна хранилка за птици што ќе виси во близина на вашиот дом и ќе ги нахрани птиците во различни годишни времиња. Убава можност за изработка, учење на различните видови птици и храна која ја јадат.
Соња Чаловска; Весна Пецева
Шишарки; Путер од кикирики/мед/таан; Хартија; Семе за птици; Врвка;
Индивидуална
Цели
Целта е да се развива љубов и грижа кон птиците.
Резултати
Детето се грижи за птиците.
Игровна активност
Подготовка на материјали за изработка.
Започнете со врзување на врвка/волница на врвот на шишарката за да виси. Размачкајте низ шишарката природна леплива прехранбена смеса (путер од кикирики, мед, таан и слично). Ставете го семето за птици на хартија и тркалајте ја намачканата шишарка за да се залепи семето.
Разговарајте со детето за птиците, нивниот изглед и карактеристики (може и да се раскаже/прочита некоја приказна за да може детето емотивно да ги доживее). Детето треба да создаде природна хранилка за птици што ќе виси во близина на неговиот дом за да ги нахрани птиците во различни годишни времиња. Прашајте го детето дали некогаш видело хранилка за птици во нивната околина. Разговарајте за видовите храна што птиците можат безбедно да ја јадат. Објаснете му ја на детето постапката за изработка на хранилка за птици и доколку има потреба помогнете му. Заедно со детето изберете дрво во дворот или во близина на домот за да биде достапно за птиците. Со помош на врвката закачете ја на една гранка од дрво. Детето има задача да следи и набљудува какви видови птици доаѓаат да се хранат, да ги опшуваат, именуваат, да ги имитираат нивните звуци и слично.