Другарска фотографија
Преку активноста учениците соработуваат во пар и изработуваат другарска „фотографија“ во рамка во која има и симбол на нивното другарство.
Соња Трифуновска, одделенски наставник, ООУ „ Гоце Делчев“ - Тетово
Работен лист; ножици; лепило за хартија (стик или течен); дрвени боички или фломастери.
Работа во парови
Цели
- Да ги препознава сличностите и разликите меѓу луѓето ;
- Да знае дека луѓето се разликуваат според своето мислење и да го почитува мислењето на другиот;
- Да ги развива другарството и другарските односи.
Резултати
Ги согледува сличностите и разликите меѓу луѓето во нивниот надворешен изглед и способностите;
Го искажува своето мислење и го почитува мислењето на другарчето;
Развива кај себе особини на добар другар.
Игровна активност
Учениците се поделени по парови со влечење ливчиња. Поделбата на задачите во парот се прави со заеднички договор. Тие треба да ги исечат рамката и кругот од дадените прилози, а силуетите да ги поделат со сечење по испрекинатата линија.
Секој ученик во парот треба да го нацрта своето другарче со помош на дадената силуета. Се смислува една особина со која најдобро би го опишале другарчето и ја запишуваат на линијата на рамката. Во исечениот круг цртаат симбол на нивното другарство. Сите елементи ги лепат во рамката.
Учениците поделени во парови го цртаат своето другарче, ја запишуваат неговата најважна особина и преку договор и соработка креираат симбол на нивното другарство. Цртежите и симболот се лепат во рамката која заеднички ја украсуваат.
Приспособување на активноста за спроведувење (учење преку игра) со ученици со посебни образовни потреби
Активноста се адаптира за ученици со посебни потреби така што ученикот може да сече по испрекинатата линија самостојно или со помош на образовен асистент, наставник или другарче, да ја доцртува силуетата со едноставни линии и да ја бои со дрвени боички. Другарчето, наместо со збор, може да го опише со едноставен знак и може да учествува во украсување на рамката.