ИНФОРМАТИВНА БРОШУРА ЗА РАНИОТ ДЕТСКИ РАЗВОЈ И КОЛЕКТИВНИОТ ПОРТАЛ ЕДУИНО
Оваа брошура дава насоки за полесен пристап и користење на платформата и во неа се претставени примери од едукативни игровни активности.
Се надеваме дека оваа брошура ќе ве поттикне да ја посетите платформата ЕДУИНО Ран детски развој и со примена на едукативните игровни активности позитивно да делувате врз раното учење и развој кај децата.
ЕДУИНО ИГРАТОН: ЦЕЛАТА ДРЖАВА УЧИ И ИГРА
Драги воспитувачи, одделенски наставници и родители. Повторно ве покануваме заедно да учиме и играме со нашите ЕДУИНО активности за деца од 3 до 10 години!
Креативниот предизвик ќе биде отворен од 21 до 27. февруари 2022 година и е одлична можност за целата држава заедно да игра, се забавува и учи.
Учете заедно преку игра!
Детската игра е неопходна во развојот на социјалните, емотивните и на физичките способности на детето, а учењето преку игра се покажува како одличен метод за стекнување знаења и вештини кај децата во раниот детски развој.
Бидете креативни на вашиот час!
Употребете нова едукативна активност на вашиот час, која ќе донесе креативност и забавно учење за децата. Активностите може да ги пребарате по категоријата воспитувач, одделенски наставник или родител, по воспитно-образовни подрачја, но и според возраста на децата.
Истражете ги едукативните активности и игри заедно со вашето дете!
Учењето преку игра е еден од најважните начини на кои децата стекнуваат суштински знаења и вештини од интелектуалниот, социјалниот, емоционалниот и од физичкиот домен. Бидејќи се и одлично поминато време за забава со вашите деца, ве охрабруваме да ги пребарате по категоријата родител/старател.
И вие може да придонесете во развивањето на најголемата библиотека за едукативни игровни активности!
Кои се социоемоционалните вештини на децата и како може да ги развиеме? Како може активностите за учење и игра да го поттикнат правилниот раст и развој на децата? Додајте ваша едукативно-игровна активност и споделете го вашето искуство со другите едукатори и родители, со цел подобро образование, кое ќе поттикнува ентузијазам за учење.
ЕДУИНО РАН ДЕТСКИ РАЗВОЈ
Категории/обуки
Прегледајте ги едукативните содржини според понудените категории. Со избирање на секоја категорија, ќе ви се прикажат едукативните активности за неа, односно во категоријата воспитувачи ќе имате преглед на активностите за предучилишно образование, во категоријата одделенски наставници – преглед за училишното образование и за одделенската настава, а за родителите – преглед на активности што може да ги изработите со вашето дете во домашни услови.
ЕДУИНО РАН ДЕТСКИ РАЗВОЈ
Најнови активности
Преку игра детето ќе научи дека еден предмет може покрај основната намена, да се искористи и за други намени.
Ова е практична активност во која детето ќе создаде природна хранилка за птици што ќе виси во близина на вашиот дом и ќе ги нахрани птиците во различни годишни времиња. Убава можност за изработка, учење на различните видови птици и храна која ја јадат.
Преку разговор и интеракција, научете за сетилото за вкус кое се наоѓа на јазикот. Оваа активност вклучува и експеримент, а во самите упатства има и интересна шема со дадени инструкции за спроведување на активноста.
Социоемоционален развој
„Социоемоционалниот развој се смета за најважен домен во раниот детски развој поради тоа што го засега развојот на сите други домени, а особено се смета за клучен во однос на воспоставување позитивен однос спрема учењето, стекнувањето академски компетенции не само во периодот на детството туку и понатаму во животот. Децата што се социјално и емоционално компетентни имаат многу поголем ентузијазам за учење (интерес, задоволство и мотивираност за учење) и полесно учат (покажуваат упорност, флексибилност, способни се да го задржат вниманието, да ги контролираат чувствата и однесувањето).“
* извадок од „ПРИМЕНА НА СТАНДАРДИТЕ ЗА РАНО УЧЕЊЕ И РАЗВОЈ. ДОБРИ ПРАКТИКИ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА РАНОТО УЧЕЊЕ КАЈ МАЛИТЕ ДЕЦА“ издавач: Министерство за труд и социјална политика
Професионален развој
Професионалниот развој е секција од веб-страницата, која наскоро ќе биде достапна. Овој дел е наменет само за регистрирани корисници на платформата и содржи специјално дизајнирани стручни видеоматеријали за професионална надградба, во форма на едукативни модули за едукатори.
ЕДУИНО
Наши образовни херои
Ова полугодие ЕДУИНО ви ги претставува и им се заблагодарува на образовните херои:
„Запознајте ја Соња од градинката СПИРИТ, која 21 година е воспитувач и пријател на децата уште од најраната возраст! Таа е креаторот на почетната едукативна содржина поставена на платформата со над 100 креирани активности и игри! Нејзината ведра енергија и креативност се шират во домовите со учење преку игри!“
Соња Чалоска
воспитувач
„Д-р Алма Тасевска е универзитетски професор повеќе од 15 години. Во фокусот на нејзината академска работа е квалитетното образование, како и стимулативниот раст и развој за секое дете. Активностите и игрите што се понудени на платформата ги цени како одлични материјали кои го поддржуваат учењето и развојот на децата во градинките, во училиштата и во домот!“
Алма Тасевска
универзитетски професор
„Запознајте ја Весна, другарката на Соња за сите креативни и едукативни игри и активности. Весна 29 години е воспитувач во градинката ‘13 Ноември’ и неуморно креира иновативни едукативни пристапи во раното учење и развојот на децата. Токму затоа, таа има креирано бројни игри и активности за платформата, кои нудат можност децата на интересен начин максимално да ги развиваат своите потенцијали.“